„Го сакам Водно“: Сите мислат дека ако го дадеме Водно ќе имаме евтин гас, тоа не е така

424

Андреј Јанков од иницијативата „Го сакам Водно“ во гостувањето во емисијата Отворено на Алфа телевизија вели дека постојано се изнесуваат невистини дека Скопје ќе има бенефит од изведбата на трасата низ Водно. Тој додава дека таа траса е магистрала и не претставува дел од секундарната дистрибутивна мрежа.

– Тој гасовод води гас до Тетово, Гостивар и Кичево. Тој гасовод на секундарна мрежа нема ни во тие населени места. Скопје има гас од 1997 година. Проектот за гасификација на Скопје беше од 93-97, се донесе гас а не се направи секундарна мрежа. Значи ли тоа дека треба да чекаме 21 година да се донесе гас во овие населени места а на сметка на тоа ние да го уништиме Водно, рече Јанков.

Тој додава дека со примарната мрежа на гасоводот не се решава проблемот на загадувањето. Најпрвин според него треба да се изгради и секундарната мрежа па дури и тогаш не е сигурно дека ќе запре сечата на шумите низ Македонија.

– Тоа е едниот момент каде јавноста треба да биде запознаена. Сите мислат ако сега го дадеме Водно наеднаш ќе имаме ефтин енергенс и ќе го подобриме воздухот поради тоа и ќе се запре со сечата на дрва. Најрпвин треба да има секундарна мрежа во градовите а отаму треба домаќинствата да се приклучат на тоа. Домаќинствата треба да платат приклучок да инвестираат во гасни печки. Многу тешко ќе ги натераме да се префрлат од греењето на дрва посебно сиромашните семејства.Сечата на шума на Водно нема да ја запре сечата на шума во другите места во Македонија, вели Јанков.

Околу ревитализација и засадување на 10 дрва на 1 исечено Јанков вели дека тоа не е можно. На самата траса треба да се држи еден заштитен појас каде е недозволено да се засадат дрва. Тој додава дека таквиот појас мора да осане гол и тоа е заради заштита на самата траса но за и пристап за возила за санација и на противпожарните возила во случај на некоја несакана несреќа.