Ципрас: Го напуштаме трнливиот пат на екстремното штедење

822

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вети дека ќе остане на договорените реформи и буџетските цели.

Ципрас овa го изјави  откако меѓународните кредитори ги усогласија мерките за ублажување на условите на отплата на дел од огромниот грчки долг.

Договорените мерки, според Ципрас, придонесуваат на одржливоста на грчкиот долг, ги надминуваат пазарните очекувања и претставуваат враќање на „моралниот долг“ на грчкиот народ за неговото повеќегодишно патење за време на финансиската криза, пренесува Асошиејтед прес.

„Тоа, меѓутоа, не значи дека треба да отстапиме од внимателниот курс во поглед на буџетската рамнотежа и од структурните реформи кои ѝ се потребни на земјата, туку значи дека го напуштаме трнливиот пат на ригорозното штедење“, изјави грчкиот премиер.

Договорот кој министрите за финансии на еврозоната го постигнаа во Луксембург синоќа ѝ донесе на Грција поместување на рокот за отплата на заемите за десет години, со што е отворен патот за излегување на земјата од програмата за спасувачка помош која ја користеше од 2010 година.

Доверителите се согласија и за исплатата на последната рата од спасувачкиот пакет од 15 милијарди евра, со цел да ѝ се овозможи на Грција да ги исплати обврските со задоцнување, да го финансира долгот што ќе доспее и да ги зајакне резервите на готовина од 24,1 милијарди евра, со што ќе се поддржи нејзиното излегување на финансиските пазари.

Претставниците на еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд ја поздравија одлуката на еврогрупата, а грчкиот министер Еуклид Цакалотос ја нарече „историски момент“.

„Мислам дека ова е крајот на грчката криза. Веруваме дека сега долгот е одржлив и дека ќе бидеме во состојба да излеземе на пазарите“, кажа Цакалотос во Луксембург.