Ќе успеат ли САД да ја притиснат Бугарија при решението на проблемот со Македонија за да продолжи проширувањето на ЕУ или источниот сосед ќе ѝ одолее и на администрацијата на новиот претседател Џо Бајден, како што одолеа на германските напори минатата година и стави вето на преговарачката рамка?
Според поранешниот шеф на бугарската Национална разузнавачка служба, генерал Димо Ѓуров, притисок ќе има, а според министерот за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов, никој нема да притиска, а и да има, Бугарија ќе одолее.
Генералот Ѓуров вели дека администрацијата на Џо Бајден и Демократската партија се заинтересирани за побрз развој на земјите од Западен Балкан и нивно приклучување кон Европа и затоа може да се очекува притисок од Вашингтон за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.
– Поради тоа, ние треба да ја аргументираме нашата позиција зашто Американците разбираат аргументи и јасна позиција и таа задача е во рацете на бугарската дипломатија – вели Ѓуров за бугарските медиуми и додава дека притисок од САД ќе има и за енергетските проекти во Бугарија во кои е вклучена Русија, особено за транзитот на гас, како и за запирање на проектот за изградба на нуклеарната централа Белене.
Вицепремиерот Каракачанов, пак, не очекува дека САД ќе ја притиснат Бугарија за Македонија.
– Притисок не очекувам и тоа е втората голема наивност на политичарите во Скопје дека со промената на раководството во САД, некој ќе ја притисне Бугарија и Бугарија ќе потклекне и ќе ги спушти гаќите. Повторно ќе им кажам. Немојте да се надевате на тоа, завршете си ја работата, спроведувајте го Договорот за пријателство и работите ќе тргнат. Престанете да ги воспитувате младите луѓе на говорот на омраза кон Бугарите, бидејќи ние сме еден народ. Едната страна ги воспитува на омраза кон другата, тоа е целосно бесмислено, непродуктивно и нема да ги води кон ЕУ – вели Каракачанов.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз неодамна рече дека е разочарана од бугарското вето кое носи многубројни ризици, „бидејќи одредени држави, како Русија и Кина, кои не ги делат вредностите за Европа како слободна и обединета, може да ја искористат ситуацијата за нивен стратешки интерес“. Според Брнз, Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Унијата и очекува тоа да се случи што е можно побрзо.
По декемвриското вето двете земји сега повторно се обидуваат да се приближат, за што разменија свои акциски планови за тоа како побрзо да се спроведе Договорот за добрососедство и да се врати довербата. Според министерот за надворешни работи Бујар Османи работните групи повторно редовно комуницираат. Но, вчера во Брисел не побарал средба со неговата колешка од Бугарија, Екатерина Захариева, иако двајцата истовремено беа во европската престолнина. Османи и министерот за евроинтеграции Никола Димитров беа на разговори со португалскиот шеф на дипломатијата, Аугусто Сантош Силва, а според најавите, требаше да се сретнат и со други европски шефови на дипломатиите. Софиски „Дневник“ пишува дека бугарското МНР не добило барање од македонска страна за средба меѓу Захариева, Димитров и Османи.
Според лидерот на ДУИ Али Ахмети, оваа пролет ќе се излезе од ќор-сокакот и проблемот со Бугарија ќе биде решен.
– Во интерес е и на Вашингтон и на Брисел да се реши ова прашање. Во овие 20 години ниту еднаш не сум бил разочаран од нивните постапки. Јас сум оптимист дека овој проблем ќе се реши уште во рана пролет. Решението ќе дојде пред парламентарните избори во Бугарија – рече Ахмети, според кого дебатата ќе се одвива за историјата и за историските личности, а македонскиот идентитет и јазик не се загрозени.