Македонците најсигурни во своите работни места, Црногорците ја сметаат тешката и напорна работа како предуслов за успех, Србите ги преферираат домашните производи, Албанците најсвесни за придобивките од влезот во ЕУ.
Ова се некои од резултатите содржани во четвртото издание на Балкански барометар 2018 (ББ 2018), што денеска беше презентирано во Брисел во рамки на состанокот на Советот за регионална соработка.
Македонија во моментот се соочува со бран на оптимизам, по надминувањето на политичката криза, која предизвика застој во функционирањето на државата, е оценка во годишниот Барометар.
Седумдесет и пет проценти од вработените Македонци веруваат дека и натаму ќе бидат вработени во следните 12 месеци, што е највисок процент во регионот.
Седумдесет и еден отсто од македонските компании сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е мошне важен за напредокот на нивниот бизнис.
Четириесет проценти од анкетираните македонски граѓани сметаат дека владата најчесто ефективно се бори против корупцијата.
Триесет и пет отсто од македонските испитаници се проактивни во однос на добивање информации за можностите во странство.
Ова е четврто издание на Балкан барометар, истражување што се спроведува во рамки на Советот за регионална соработка, а во кое се обработуваат податоци за очекувањата и аспирациите на населението во регионот и на бизнис заедницата за теми поврзани со животот и работата, социо-економските и политичките трендови, како и регионалната соработка и европската интеграција.
Генерално истражувањето покажува дека задоволството на јавноста во регионот на шестте земји, иако под просекот, сепак бележи подобрување. Граѓаните во регионот се многу попозитивни во однос на иднината, отколку кон сегашната состојба. Невработеноста се уште е најголемиот проблем со кој се соочува регионот, има сигнали за подобрување на состојбата на пазарите на труд, што се оценува како позитивен тренд во насока на спречување на одливот на мозоци.
И додека подобрувањето на економската состојба и зголемувањето на вработеноста позитивно влијаат врз чувствата на граѓаните, политичката ситуација се уште ги влече надолу перцепциите. Се уште е евидента ниската доверба во политичките институции и широко распространетата апатија меѓу граѓаните, а повеќето од испитаниците одговориле дека не се подготвени да се вклучат во процесот на носење владини одлуки. Подобрувања се забележани во однос на регионалното расположение за интеграција во ЕУ.
Јавниот индекс на задоволство бележи зголемување за седум отсто, од 35 во 2015 на 42 отсто во 2018, а регионалните стопанственици позитивно ја оценуваат како сегашната состојба, така и натамошниот прогрес. Процентот на задоволни стопанственици е 62 отсто во однос на 47 во 2015.
Педесет и шест отсто од граѓаните се незадоволни од моменталната економска состојба, додека задоволство изразиле 14 отсто, што е за пет проценти повеќе од 2015.
Мнозинството, односно 59 отсто од испитаниците сметаат дека полот не игра улога при вработувањето, но сепак 27 отсто преферираат да вработат мажи, а само осум отсто жени.
Шеесет и девет отсто од граѓаните на Балканот својата социо-економска состојба ја сметаат за просечна. Четириесет и седум отсто не можеле да си дозволат викенд надвор од дома во изминатите 12 месеци ( во 2015 овој процент изнесувал 53), 19 отсто не можеле соодветно да го затоплат својот дом (во 2015 година 22 отсто), 21 отсто не можеле да платат наемнина или сметки (во 2015 – 29 отсто), а 14 отсто не можеле да си дозволат основни намирници, како облека и храна ( во 2015 – 21 отсто).
Познавањето на вистинските луѓе е фактор број еден за успех во животот (29 отсто), на второ место е напорната работа (26 отсто), а на трето е доброто образование (21 отсто).
Забележан е исклучителен недостиг на доверба во институциите. Парламентот е институција, која ужива најмала доверба – 28 отсто, а најголема има омбудсманот 37 проценти. Подмитувањата се доминантни во здравството за 15 отсто од испитаниците, шест отсто сметаат дека тоа се случува во полицијата, а четири проценти во судството.
Најкорумпирани според испитаниците се политичките партии – 79 отсто, потоа следуваат вработените во правосудниот систем за кои се определиле 75 отсто, за царина и здравсто се определиле 74 отсто, 63 проценти се определиле за образованието, а 42 проценти за корумпирани ги сметаат верските лидери. Седумдесет отсто од балканските граѓани сметаат дека нивните влади не се справуваат ефикасно со корупцијата.
За разлика од 2015 кога 27 отсто од испитаниците веруваат дека нивната земја ќе влезе во ЕУ до 2020 година, сега тој процент изнесува 12. Забележано е зголемување на испитаниците, кои веруваат дека нивната земја ќе влезе во ЕУ до 2030 година, од 14 отсто лани на 20 отсто во ова истражување. Дваесет и шест отсто од анкетираните сметаат дека тоа нема никогаш да се случи.
Задоволството од севкупната бебедносна состојба е под просекот. На скала од еден од пет, оваа година задоволството од безбедноста изнесува 2,6, а лани било 2,5.
Косово има највисок процент на домаќинства со по тројца вработени – 22 отсто. Косовските граѓани изразиле највисок оптимизам во однос на нивната лична финансиска ситуација – 42 отсто од нив очекуваат натамошно подобрување.
Во Србија, мнозинството семејства – 55 отсто велат дека немаат невработен член, а Србите најмногу од сите граѓани во регионот, 90 отсто избираат домашни производи. Србија има најмногу граѓани кои би останале во државата – 58 отсто велат дека не ја разгледуваат можноста да се иселат во странство, наспроти 32 отсто кои би го сториле тоа. Деведесет отсто од граѓаните на Србија се задоволни од нивната интернет конекција, што е највисок процент во регионот.
Тешката работа е предуслов за успех изјавиле 35 отсто од Црногорците, што е највисока вредност во регонот во однос на ова прашање. Во Црна гора е забележан највисок скок во бизнис очекувањата за следната година, од 66 отсто во 2016 на 81 процент во 2017.
И јавноста и стопанствениците во Албанија се најсвесни за придобивките од влезот во ЕУ. Осумдесет и еден отсто сметаат дека регионалната соработка ќе придонесе за подобрување на политичката или безбедностата ситуација, а следствено на тоа и можност за развој на економијата. Во Албанија има највисок процент на граѓани, кои сакаат да работат во приватниот сектор – 28 отсто, на регионално ниво овој процент изнесува 16.
Во БиХ карактеристична е разликата меѓу песимизмот кој го изразуваат граѓаните и оптимизмот, кој го изразиле стопанствениците. Четиритесет и осум отсто од компаниите нагласиле дека нивната ситуација се подобрила во изминатите 12 месеци. Босанските компании пријавиле највисок процент на извоз на други пазари – 19 отсто во споредба со 13 отсто на регионално ниво.
Истражувањето е спроведено кон крајот на минатата година од ГфК на примерок од шест илјади граѓани и 1.200 компании.
Советот за регионална соработка, чија членка е и Македонија вчера во Брисел ќе ги претстави и резултатите од спроведувањето на Стратегијата за раст на регионот на Југоисточна Европа 2020 (ЈИЕ 2020). Стратегијата и Барометарот се составен дел на механизмите, што оваа организација ги користи за следење на развојот и растот на регионот. Двете алатки заедно даваат одличен пресек на моменталната состојба во земјите од регионот.
Резултатите од спроведувањето на Стратегијата на ЈИЕ 2020 ги покажуваат ефектите на сеопфатните реформи кои економиите поединечно ги спроведуваат. Балканскиот барометар дава увид во мислењето на граѓаните и стопанствениците за тие реформи и нивните резултати.