Престанокот со пушењето го подобрува вашето здравје, дури и ако се здебелите!

379

Ако не сакате да престанете да консумирате цигари поради стравот дека ќе се здебелите, новата студија открива дека е подобро да имате вишок килограми, отколку да пушите.

Во споредба со пушењето, дури и оние кои најмногу се здебелиле, имале 50% помалку ризик од предвремено умирање поради срцеви болести и други причини, открила студијата под водство на Харвард.

Д-р Вилијам Диетз, експерт за здравство на Универзитетот “George Washington”, рекол дека студијата е импресивна по големина и дека би требало да ги сруши митовите за здравствените проблеми кои настануваат после престанокот со пушење и здебелување.

“Студијата јасно покажува дека вашето здравје се подобрува кога ќе престанете со пушење, дури и ако добиете на тежина”, рекол Диетз.

Студијата ја објавил магазинот “The New England Journal of Medicine”. Истиот магазин објавил и шведска студија, која открила дека престанокот на пушењето е најдобрата работа која дијабетичарите можат да ја направат, за да го намалат ризикот од прерано умирање.

Никотинот и цигарите можат да ви го намалат апетитот. Многу луѓе кои престануваат да пушат, воглавно јадат повеќе и добиваат на тежина до 4,5 килограми, а некои дури три пати повеќе. Големата телесна тежина предизвикува дијабетес, а тој може да предизвика многу други проблеми, како слепило, оштетување на нервите, болести на срцето и бубрезите, слаб проток на крв во нозете.

Американската студија следела 170.000 мажи и жени, во текот на 20 години, проверувајќи секоја година што тие одговориле во прашалниците, за здравјето. Проверувале кои испитаници престанале со пушење и следеле дали тие се здебелиле или развиле дијабетес, срцеви болести и сл. Заклучокот е дека ризикот од дијабетес кај тие луѓе пораснал за 22%, во текот на 6 години после престанокот со пушење. И претходни истражувања покажале дека луѓето кои престануваат да пушат, имаат зголемен ризик за развој на дијабетес, но тој ризик, тврдат истражувачите, не е траен и никогаш не доведува до зголемување на ризикот за прерана смрт, за разлика од пушењето.

Заклучокот од ова истражување е дека без оглед на тоа дли добивате на тежина, луѓето кои престануваат да пушат, секогаш имаат помал ризик од умирање.